Путин и Ердоган ја поздравија изградбата на нов реактор на турската нуклеарна централа

Рускиот и турскиот претседател Владимир Путин и Реџеп Таип Ердоган во живо преку видео врска го гледаа започнувањето на изградбата на нов реактор на првата нуклеарна централа во Турција.

Рускиот и турскиот претседател Владимир Путин и Реџеп Таип Ердоган денеска беа сведоци на започнувањето на изградбата на нов реактор на првата нуклеарна централа во Турција. Тие во живо преку видео врска го следеа поставувањето на третата единица на нуклеарната централа Акују во јужна Турција.

Руската државна фирма за нуклеарна енергија Росатом ја гради централата во провинцијата Мерсин на турскиот медитерански брег. Двете земји потпишаа договор за соработка во 2010 година и започнаа со изградба на првиот од четирите планирани реактори во 2018 година.

Вкупните трошоци на проектот се проценуваат на 20 милијарди долари.
За време на церемонијата, Путин рече дека очекува проектот „да го подобри руско-турското партнерство во сите негови аспекти, помагајќи да се зајакне пријателството и меѓусебното разбирање меѓу народите на нашите земји“

Осврнувајќи се на Путин како „мој драг пријател“, Ердоган го нарече проектот „еден од симболите на турско-руската соработка“.

Според Ердоган, првиот реактор на централата е предвидено да започне со работа во 2023 година, што ќе се совпадне со стогодишнината на турската република. Тој исто така рече дека изградбата на четвртата единица ќе започне подоцна оваа година и додаде дека проектот се очекува да обезбеди 10 проценти од електричната енергија на Турција.