Објавени детали од договорот со Фајзер за вакцините против ковид

Иустрација - подготовка на доза вакцина од производителот Фајзер

Министерството за здравство (МЗ) денеска ja информираше јавноста дека компанијата „Фајзер-Бионтек“, производител на вакцини против Ковид 19, денеска до Министерството за здравство, го испратил договорот за купување вакцини.

„Компанијата во договорот ги соопшти деталите за испорака на вакцините во текот на цела 2021 година. Производителот „Фајзер-Бионтек“ во 2021 година на Република Северна Македонија ќе и испорача 800.280 дози вакцини. Според договорот, испораката на вакцините ќе се одвива во 4 квартали, а првата достава ќе се случи во месец март. Во договорот е наведено дека компанијата „Фајзер-Бионтек“ овој месец во нашата земја ќе испорача 21.060 дози вакцини“, соопшти денеска МЗ.

Вакцините на производителот „Фајзер-Бионтек“ се спакувани во повеќедозажни вијали, од една вијала се вадат 6 дози вакцини. Вакцината се чува и дистрибуира на -70 степени, во обичен фрижидер од 2 до 8 степени може да стои 5 дена, а растворена може да се чува 6 часа. Според Министерството за здравство, нашиот здравствен систем е целосно подготвен за прием и спроведување на вакцинација. Денеска и премиерот ЗОран Заев изјави дека договорот е испратен од Фајзер и дека првата тура од 21 илјада дози ќе стаса до крајот на март, а потоа и другите вакцини.

Со вакцината на производителот „Фајзер-Бионтек“, веќе неколку недели се врши имунизација на здравствените работници кои се во првата приоритетна група за вакцинација согласно Националната стратегија за ковид имунизација.