Бесими: Со вчерашната еврообврзница ќе се плати долг од 2014-та

Фатмир Бесими

Министерот за финансии, Фатмир Бесими, денеска изјави дека со еврообврзницата издадена вчера ќе се врати долгот за третата еврообврзница од 2014 година во износ од 500 000 000 евра. Според него, нето-повлекувањето по основ на оваа аукција изнесува 200 000 000 евра и остатокот од средствата ќе се наменат за финансирање на буџетскиот дефицит.

„Примарно овие средства ќе се насочат кон економските и здравствените мерки за справување со ковид-кризата, изјави Бесими на денешната прес-конференција.

Министерот рече дека на верашната аукција, имало за 2,3 пати поголема побарувачка од страна на меѓународните инвеститори, односно ако понудата за осмата еврообврзница беше 700 000 000 евра, побарувачката била 1,6 милијарди евра од страна на над 130 меѓународни инвеститори, што, според него, „покажува дека сме попривлечни за инвеститорите од многу економии во регионот“.

Според Бесими, погрешни се „гласините“ дека се прави ново нето-задолжување од 700 милиони евра.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ вчера обвини, како што пишуваше во партиското соопштение“, дека „Заев издал еврообврзница од 700 милиони евра, за која треба да плати камати од 80 милиони, и на домашниот пазар се задолжил за 70 милиони, вкупно 850 милиони“.