Тврдењето дека многу граѓани се попишале преку користење на VPN апликација е невозможно, бидејќи тоа се регистрира и тие податоци не одат во базата каде се складираат податоците од попишаните лица од странство, туку се идентификува и се чува како доказ за упаѓање во системот, изјави директорот на Државниот завод за статистика Апостол Симовски во интервју за телевизија „Сител“. Со самото влегување на веб страницата за самопопишување, нагласи Симовски, лицата се предупредени за ваквата работа и се сложуваат со условите, поради што и сносат одговорност. Тој посочи дека тука има и злоупотреба на лични податоци, затоа што тој што се обидува да упадне користи туѓ матичен број, бидејќи ако упадне со својот матичен број може многу лесно да се лоцира и да сноси одговорност.
ДЗС: Апликацијата за попис не е пробиена, за злоупотреба 3 години затвор
Последниот податок, според Симовски, е дека вчера во 10 часот има 11.149 вклучувања во базата, но тоа не значи пополнета апликација, бидејќи во овој момент никој нема овластување да влегува во базата за тоа да го провери. Во однос на лицата кои ќе се самопопишат преку Апликацијата, а потоа ќе бидат попишани и од нивните семејства како лица во странство, Симовски рече дека е можно да се случи двојно попишување, но во тој случај за тоа лице ќе бидат земени податоците од самопопишувањето. Апликацијата што ја користат попишувачите на терен, Симовски рече дека не е иста со апликацијата за самопишување преку интернет, и дека станува збор за систем што е работен од друга софтверска компанија, но содржината на прашалниците е сосема идентична. Симовски, исто така, нагласи дека податоците од пописот не може да се дадат ниту на граѓанинот, ниту на било кое друго лице или институција и дека тие служат само и исклучиво за статистички цели.