Пендаровски и Заев за потегот на Радев: Нема кршење права, ова е мешање во туѓа држава

Стево Пендаровски и Зоран Заев

На никого во земјава не му се нарушени правата, ниту на граѓаните кои се декларираат како Бугари, изјави денеска премиерот Зоран Заев, на новинарско барање за коментар на барањата на бугарскиот претседател, Румен Радев, бугарските безбедносни служби да се ангажираат за заштита на правата на Бугарите во странство, вклучително и во Македонија.

„Јас се надевам дека е информативен состанок во којшто сакаат да соберат информации од граѓани коишто се со бугарска определба, и ќе споделат некои информации ако некаде некои права не се признаени или се непочитувани. Недозволиво е мешање на туѓа земја во друга земја. Ние тоа сме го декларирале во Договорот за пријателство со Бугарија и не само тоа, во разговорите одиме и понатаму, немешање во малцинства, затоа што тоа се решава при Совет на Европа, преку судот на Советот на Европа, не треба да дојде до судар ако на некои граѓани не им се еднакви првата, ние сме тука да реагираме како институција. Јас немам проблем со определбите на граѓаните“, рече Заев.

На изјавата на Радев денеска имаше реакција и од Кабинетот на македонскиот претседател, Стево Пендаровски.

„Крајно невообичаено и секако надвор од внатрешните процедури на Алијансата е претседател на една земја-членка на НАТО да ги повикува своите служби за безбедност да реагираат за наводно кршење на правата на граѓани во друга земја-членка на НАТО. Реакцијата на бугарскиот претседател е спротивна и на основниот принцип во меѓународната политика за немешање во внатрешните работи на друга држава. До овој момент, претседателот Пендаровски нема добиено ниту една информација од надлежните институции за кршење на човековите слободи и права на македонски граѓани само затоа што ја декларирале својата етничка припадност. Како држава кандидат за членство во ЕУ ние сме со години под редовен мониторинг на Брисел, но, ниту во последниот годишен извештај за напредокот на ЕУ не се регистрирани такви случаи“, се вели во реакцијата од Кабинетот на претседателот Пендаровски.

Двете реакции следуваат по средбата на бугарскиот претседател, Румен Радев, со безбедносните структури на официјална Софија и барањето на нивни ангажман за заштита на македонските Бугари од, како што рече Радев, „кршење на основните човекови права и слободи и пречки да ја прокламираат својата национална припадност“. Од Софија информираа дека средбата била организирана по дописот со аларм од здружението „Иван Михајлов“ од Битола.