Грузиски опозициски активисти и активисти за граѓански права поставија речиси десетина шатори пред зградата на Парламентот во главниот град Тбилиси. Тие преноќија во шаторите по уличните протести кои се одржаа против полициската рација во сеидштето на една опозициска партија и приведувањето на опозициски лидер. Илјадници луѓе со знамиња на Грузија и НАТО протестираа со барање за предвремени парламентарни избори и ослободување на политички затвореници.
Полицијата не ги растера активистите, но ги предупреди да не поставуваат шатори во авенијата Руставели, главната сообраќајница во градот. Заал Удумашвили, водач на Обединето национално движење пред медиумите изјави дека шаторите се „дел од борбата против режимот“.
Причината за протестот беше полициската рација во седиштето на Обединетото национално движење и приведувањето на лидерот Ника Мелија но и на десетина партиски активисти. Мелија е обвинет за поттикнување насилство на антивладините протести во 2019 година.