Заврши протестот за „Монструм“ - Кордон за демонстрантите, каменување за полицијата

Протест за Монструм

По три часа тензии, заврши протестот за случајот „Монструм“. Дел од демонстрантите, меѓу кои и десетина лица со качулки на главите, останаа и понатаму да го каменуваат полицискиот кордон кој го запре протестниот марш кај поранешната стоковна куќа „26 јули“ на скопски Бит пазар и не им дозволи на неколкуте стотини демонстранти да го продолжат најавениот марш до Кривичниот суд, па до Собранието и до Владата.

Протестот почна од паркот во Чаир, но пред Мавровка бројни полициски сили и окопни транспортери ги запреа демонстрантите. Тие побараа полицијата да се повлече, по што дел од нив почнаа да ја каменуваат полицијата, но беа запрени од обезбедувањето на протестот. Каменувањето на полицијата се случуваше во неколку наврати, при што биле повредени тројца полицајци и интервенирала брзата помош. Нападнати биле и неколку новинари и камермани на должност.

Демонстрантите на штитовите на полицајците залепија постер со ликовите на Бранко Црвенковски, Никола Груевски, Зоран Заев и Али Ахмети и со натпис „Криминална влада на Северна Македонија“. Тензиите и каменувањето на специјалците продолжија, па полицијата ги потисна демонстрантите кон Бит пазар. Претходно, на протестот дојдоа и пратеникот на Алтернатива, Скендер Реџепи и поранешниот пратеник и поранешен припадник на ОНА, Хисни Шаќири, кои на албански разговараа со дел од демонстрантите.

Демонстрантите залепија постер „Криминална влада на Северна Македонија“ на штитовите на полицајците од кордот што го запре протестниот марш

По неколку тензични обиди за директен физички судир со полицијата, организаторот прогласи крај на протестот, но голем дел од демонстрантите останаа и повторно ја каменуваа полицијата. Кратко потоа демонстрантите почнаа да заминуваат.

Учесниците на протестот бараа слобода за неправосилно осудените во предметот Монструм , бидејќи, како што велат, „тие се неправедно осудени без вистински докази“. Со првостепената пресуда која Основниот кривичен суд во Скопје ја изрече на 23 февруари, на доживотен затвор за тероризам беа осудени Алил Демири, Африм и Агим Исмаиловиќ, Хаки Азири на 9, а Фејзи Азири на 15 години за помагање. Сами Љута доби ослободителна пресуда откако Обвинителството се откажа од негово гонење поради немање докази за вмешаност во петкратното убиство.