Од паркот во Чаир и Бит пазар во Скопје, почна протестот на роднините и поддржувачите на осудените во случајот „Монструм“, односно за петкратното убиство кај Смилковско езеро.
Најавите беа дека демонстрантите ќе маршираат до Основниот кривичен суд, од каде што отидат пред Собранието, а протестот ќе заврши пред Владата. Сепак силни полициски сили со кордон го затворија булеварот кај „26 јули“ и „Мавровка“, на што демонстрантите бурно реагираат извикувајќи „Диктатура“, „Ослободете ни го патот“. Се случија и два помали инциденти кога дел од демонстрантите се обидоа да дојдат до полицискиот кордон, но беа запрени од обезбедувањето на протестот.
На штитовите на полицајците залепија постери со фотографии од Бранко Црвенковски, Никола Груевски, ЗОран заев и Али Ахмети и натпис „Криминална влада на Северна Македонија“. Дел од демонстрантите носеа албански знамиња и извикуваа „Голема Албанија“, а десетина лица, со фантомки, фрлаа со камења кон полицијата, но обезбедувањето на протестот ги запре, но продолжија да фрлаат со камења и други предмети кон полицијата.
Тогаш на протестот дојде пратеникот од Алтернатива, Скендер Реџепи, кој на албански разговараше со дел од демонстрантите. Со нив беше и поранешниот пратеник и поранешен припадник на ОНА, Хисни Шаќири.
Во еден момент поголемиот дел од демонстрантите почна да се враќа назад кон Бит пазар, но стотина од нив се обидоа да се судрат со полицијата, фрлајќи камења, разни предмети и петарди, по што специјалците на МВР и полициските окопни транспортери го поместија кордот во правец на демонстрантите.
Дел од медиумите јавија дека бил нападнат камерманот на Македонската информативна агенција, како и дека има повредени и од двете страни и дека реагирала и екипа на Брза помош.
Организаторите го прогласија протестот за завршен, но поголема група демонстранти остана кај Баит пазар. Полицискиот кордон остана кај поранешната стоковна куќа „26 Јули“.
Учесниците на протестот бараат слобода за неправосилно осудените во предметот Монструм , бидејќи, како што велат, „тие се неправедно осудени без вистински докази“.
Со првостепената пресуда која Основниот кривичен суд во Скопје ја изрече на 23 февруари, на доживотен затвор за тероризам беа осудени Алил Демири, Африм и Агим Исмаиловиќ, Хаки Азири на 9, а Фејзи Азири на 15 години за помагање. Сами Љута доби ослободителна пресуда откако Обвинителството се откажа од негово гонење поради немање докази за вмешаност во петкратното убиство.
Од МВР најавија дека од 13 часот за сообраќај ќе бидат затворени улиците „Христијан Тодоровски-Карпош“, „Џон Кенеди“, „Цветан Димов“, „Крсте Мисирков“, „Гоце Делчев“, „11 Октомври“, „Васил Главинов“, ВМРО, „Илинденска“, како и околните сообраќајници.
Ова е втор протест за случајот „Монструм“. На минатиот протест, кој беше органзиран откако Обвинителството побара највисоки казни за тогаш обвинетите, дел од демонстрантите фрлаа камења и шишиња кон полициските специјалци кои го обезбедуваа протестот и вербално ги навредуваа, а се слушнаа и неколку експлозии од т.н. топовски празнења и шок бомби. По протестот беа оштетени неколку полициски возила и беше направена шетата на неколку јавни објекти за што полицијата уапси неколкумина од демонстрантите.