Брнс и Шекеринска во посета на Криволак

Македонски и американски војници на Криволак

Со САД и нивните вооружени сили заедно го планираме развојот на Криволак, истакна меѓудругото министерката за одбрана Радмила Шекеринска, која заедно со амбасадорката на САД Кејт Брнс денеска го посетија армискиот полигон „Криволак“ каде беа информирани за претстојните активности за реализација на вежбата „Одлучен удар – 21“.

„Ова е одличен ден за армијата, за македонската одбрана, но ова е и одличен ден за нашето стратешко партнерство со Соединетите Американски држави. Заедно работиме на развојот на Криволак, а веќе оваа пролет ќе продолжиме заеднички и да го користиме како еден феноменален, не само локален, национален капацитет, туку пред се како НАТО капацитет“, изјави Шекеринска.

Амбасадорката Брнс истакна дека е импресионирана од професионалноста и од стручноста на македонските војници.

„Секоја единица од Соединетите Американски држави, која се обучувала тука, имала само пофални зборови за Криволак и за неговиот потенцијал. Како што знаете во моментот војската се модернизира со нова опрема и тоа претставува навистина голема поддршка и за посложени комбинирани обуки со американските и со регионалните партнери, сојузници на НАТО. Соединетите Држави се навистина посветени да ви дадат поддршка во вашите напори, за унапредување на полигонот Криволак и на тој начин да постигнеме еден одржлив момент, за да ја поддржиме оваа вежба којашто ќе се случи летово и многу други вежби во иднина,“ нагласи амбасадорката.

Шекеринска најави дека доаѓањето на инжинерискиот батаљон од Соединетите Американски држави ќе биде само подготовка за вежбата, што оваа пролет ќе се случи на Криволак и на која се очекува и покрај пандемијата, над две илјади припадници на војските на Северна Македонија, Соединетите Американски држави, Бугарија и Грција да учествуваат во една голема вежба.