ВМРО-ДПМНЕ побара интерпелација на Владата

Зоран Заев и Христијан Мицкоски

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на денешната прес конференција побара од сите партии во парламентот да изгласаат недоверба на Владата, по бегството на поранешниот шеф на Управата за безбедност и контраразузнавање, Сашо Мијалков, обвинет за нелегално прислушување на илјадници граѓани.

„Ова не е игра на 100 метри. Ова е игра која веќе станува хорор, а тој хорор мора да го поразиме. Затоа ги повикувам уште еднаш сите членови во парламентот, сочувајте ја вашата чест и честитост, изгласајте недоверба на оваа влада, ова е моментот да застанете рамо до рамо со граѓаните. Граѓаните тоа го очекуваат. Оваа влада нема веќе никаква поддршка од граѓаните“, рече Мицкоски.

Тој побара итни одтавки од премиерот Зоран Заев и министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, но, како што рече, тие не го прават тоа, а и не е „доволно само тоа“. Според Мицкоски, по вакво однесување на власта, „интерпелацијата е логичен чекор“. Мицкоски побара „формирање експертска влада до локалните избори кога би се одржале и предвремени парламентарни избори“.

Инаку, според официјалните информации, полицијата во неделата не успеала да му го врачи решението за куќен притвор на Сашо Мијалков, што како мерка на претпазливост, на барање на Обвинителството го донел Кривичниот суд. Мијалков, во случајот Таргет-Тврдина, е еден од обвинетите за нелегалното прислушување на над 20 илјади граѓани во периодот од 2008 до 2015 година. Обинителството во завршните зборови побара максимална казна за Мијалков, а пресудата треба да биде објавена в петок, на 26 февруари.