Роднини на осудените во „Монструм“ повикаа на протести: Ова е вид војна

Фотографија од протестот на роднините и поддржувачите на тогаш обвинетите во „Монструм“, кој се одржа во Скопје на 29 јануари 2021, откако Обвинителството побара највисоки казни

Бедри Ајдари, роднина на еден од осудените во „Монструм", денеска пред Кривичниот суд во Скопје, рече дека се незадоволни од пресудата и повика на протест во петок, бидејќи „тоа им е единствен начин за борба“, и, како што рече „ова е еден вид на војна“.

„Ова не е правна држава и нема правен систем. Најавувам протести и ги повикувам челниците на државата да протестираат како што ние протестиравме за правниот систем да се регулира. Тоа не се случи и барам од политичките партии кои го поддржуваат чинот, да се повлечат и да се дистанцираат од оваа одлука и тие да ни се придржат. Ќе протестираме во петок и ова е еден вид на војна. Тука сме и ќе се бориме, какви ни се средствата, така ќе дејствуваме", изјави Ајдари по изрекувањето на пресудата.

Денеска Судот им изрече доживотна казна затвор на тројца од обвинетите за петкратното убиство кај Смилковско езеро во 2012 година, двајца добија по 15, односно 9 години, и еден беше ослободен од обвинение. Алил Демири и браќата Агим и Африм Исмаиловиќ, за кои судијата рече дека се виновни за кривичното дело „тероризам“, добија доживотен затвор, обвинетиот Хаки Азири доби казна затвор од 9 години, а Фејзи Азири е осуден на казна затвор од 15 години. Поради недостаток на докази, ослободен е обвинетиот Сами Љута. Пресудата не е правосилна и имаат право на жалба.


Според роднините на обвинетите, се работи за монтиран случај за кој не биле доставени доволно докази за да се открие вистинската причина за мотивот, но и за нарачателот и извршителите на убиството кај Смилковско езеро.