Средба на Путин и Лукашенко во Сочи

РУСИЈА - Рускиот претседател Владимир Путин и неговиот белоруски колега Александар Лукашенко возат моторни санки по нивните разговори во Сочи, 22 февруари 2021 година.

Рускиот претседател Владимир Путин и белорускиот лидер Александар Лукашенко денеска започнаа директни преговори во Сочи во момент кога двајцата лидери се соочуваат со масовни протести во своите земји и се поголем притисок од Западот.

На почетокот на состанокот, Путин изјави дека е среќен што е потврдено нивото на интеракција меѓу двете земји, стратешкото партнерство и сојузничките односи.

Руските медиуми го цитираа Лукашенко дека за време на состанокот рекол дека остануваат шест или седум патокази за интеграција, од предвидените 33, што треба да се изготват како дел од поширокиот „акционен план“ за заедничка соработка.

„Сите други се подготвени да бидат потпишани“, рече тој.

Путин и Лукашенко, како што минатата недела објави Кремљ, ќе разговараат за економските врски, енергетиката, безбедноста и интеграцијата.

На распоредот исто така е заеднички ручек, како и скијање во одморалиштето на Црното Море.

Средбата меѓу Путин и Лукашенко доаѓа ист ден кога Европската унија (ЕУ) најавува нови санкции против Русија, а можеби и Белорусија, зголемувајќи го притисокот за многу прашања што ги приближија овие две земји во последните месеци.

ЕУ претходно воведе санкции за Белорусија за репресија врз мирни демонстранти, опозицијата и медиумите од август минатата година, кога се одржаа избори на кои победи Лукашенко, а за кои опозицијата и ЕУ сметаат дека се наместени.