Обвинителство: Има сомнежи дека некој помогнал за бегство на Мијалков

Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција смета дека постојат основи за сомнеж дека некој му помогнал на поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК), Сашо Мијалков, да избега од причина што кога го поднеле предлогот за притвор, тој не бил во бегство.

„Имајќи го предвид фактот дека во моментот на изготвување на предлогот за определување на мерка притвор, како и во моментот на нејзиното поднесување до судот, обвинетиот Мијалков не бил во бегство, обвинителството смета дека постојат основи на сомнение за сторено кривично дело помагање на сторител по извршено кривично дело од член 365 од Кривичниот законик заради што ќе ги преземе сите неопходни мерки за расчистување на ваквите сомненија“, стои во денешното соопштение од Обвинителството.

Од Обвинителството, во истото соопштение, детално информираат за тоа кога дошле првите информации дека Мијалков се спрема да бега. Според нив, кога завршила главната расправа за предметот „Таргет-Тврдина“, за која изрекувањето на пресудата е закажано за 26 февруари, „немале никакви индиции дека тој подготвува бегство, но сепак го известиле МВР дека главната расправа е завршена“.

„Првите индиции дека можеби се подготвува бегство на обвинетиот Сашо Мијалков Министерството за внатрешни работи ги сподели со обвинителството на 20.02.2021 година (сабота) во 23 часот. Во неделата утрото по направените неопходни проверки, изготвен е предлог за определување на притвор. Во 12 часот со цел да обезбеди услови за прием на предлогот за притвор, обвинителството го извести Основниот кривичен суд – Скопје за изготвениот предлог, како и МВР“, соопшти Обвинителството и додава дека откако биле завршени административните процедури, околу 14.0 часот обвинителите се упатиле кон судот, а во 15 часот го поднеле предлогот на Мијалков да му се одреди притвор.

Откако судот одлучил, обвинителството го примило решението во 18.45 часот. Во меѓувреме, обвинителите од МВР постојано добивале информации дека го набљудуваат Мијалков односно дека имаат визуелен контакт со него што значи дека не е избеган.

„Околу 21:20 часот обвинителството е известено дека има проблем со врачување на решението за притвор, по што во 21:47 е потврдено дека обвинетиот Мијалков не е пронајден“, стои во соопштението од Обвинителството.