Туристичкиот сектор бара бесплатни ПЦР тестови за странски гости

Илустрација - Охрид

Бесплатни ПЦР тестови за странските државјани кои ќе докажат туристички или деловен престој во земјава со хотелска сметка или ваучер издаден од туристичка агенција, побара денеска Здружението на угостителството и туризмот при Стопанската комора на Македонија. Оваа мерка, како што велат од Здружението, е дел од петтиот антикризен пакет што го усвои Владата и е донесена на барање на бизнис секторот.

„Владата го препозна значењето и потребата од ваков тип поддршка. Но, она што сакаме да укажеме е дека е потребна итна операционализација за мерката да има позитивен ефект“, рече денеска на прес-конференција заменик-претседателот на Здружението, Александар Кузмановски.

Здружението има и конкретен предлог како да се спроведе ваквата поддршка.

„За организирани туристички групи тестовите да бидат земени во објектот каде е сместена групата по упатено барање од страна на сместувачкиот објект, а резултатите да бидат издадени на англиски јазик во рок од 24 часа. Тестовите да бидат овозможени за државјаните на земјите на кои ќе им бидат потребни при влез назад во матичната држава. Засега, единствени валидни тестови според СЗО се ПЦР кои до моментов се задолжителни за влез во државите членки на ЕУ, вклучително и Бугарија и Грција, но и во државите кои не се членки на ЕУ, а кои се од значење за нашата економија и туризам, како Турција и Израел“, истакна Кузмановски.