Седница на Советот за надворешни работи на ЕУ

високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел

На денешниот состанок со кој ќе раководи високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел министрите за надворешни работи ќе бидат брифирани за тековните работи и ќе разгледаат голем број неодамнешни прашања и претстојните настани, вклучувајќи ја и ситуацијата во Мјанмар по што треба да бидат усвоени заклучоци. Борел го осуди насилството на властите врз демонстрантите во Мјанмар и навести дека ЕУ „ќе донесе соодветни одлуки“. „Ги повикувам армијата и безбедносните сили веднаш да го запрат насилството врз цивилите“, рече тој. Друг висок претставник на ЕУ најави дека министрите ќе решаваат за санкции против воените претставници на Мјанмар.

Австрија очекува „широка поддршка“ за нови санкции на ЕУ против Русија поради затворањето на Навални

Министрите, исто така, ќе бидат брифирани за Иран и Белорусија. Потоа ќе имаат стратешка дискусија за најновите случувања во врска со односите меѓу ЕУ и Русија. Министрите исто така ќе разменат мислења за Стратешкиот компас - иницијативата на ЕУ која има за цел да ја зајакне заедничката европска безбедност и одбрана. ЕУ се соочува со нови и сè поголеми закани и предизвици, а министрите ќе направат преглед на состојбата во развој и ќе дебатираат дали треба да се подобрат постојните политики и инструменти. Државниот секретар на Соединетите држави, Антониј Блинкен се очекува да се приклучи на состанокот преку видео конференција попладне, за размена на мислења за односите меѓу ЕУ и САД. На крај, на состанокот ќе бидат разгледани најновите случувања во врска со Хонг Конг.