Вакцинирани се 652 здравствени работници, заклучно со податоците од вчера. Имунизацијата во државава почна на 17 февруари во модуларната болница на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби во Скопје. Во модуларната болница се поставени шест вакцинални позиции и се работи во две смени од 8 часот наутро до 20 часот од понеделник до сабота, информираа од Министерството.
Во тек е првата фаза од имунизација во земјава, а во меѓувреме се одвива пријавувањето на веб страницата vakcinacija.mk, како и преку матичен лекар за сите граѓани над 70 – годишна возраст за кои вакцинацијата почнува веднаш после здравствените работници опфатени во првата фаза. Досега на веб страницата 58.500 граѓани се пријавиле за вакцинација, а преку матичен лекар 32.917 граѓани на возраст од над 70 години.
А во меѓувреме бројот на заболени од ковид-19 во земјава се зголемува. Вчера беа регистрирани 415 нови случаи, завчера 373, а ден пред тоа 347. Расте и бројот на хоспитализирани со ковид-19. Нивниот број на инфективните оддели во земјава изнесува 636 од кои 261 во Скопје, а завчера тој број изнесуваше 616.
Во тек е имунизацијата со вакцини на производителот „Фајзер“, а кон крајот на месецов во земјава се очекува да стигне и вакцината на кинескиот производител „Синофарм“, од каде во директни преговори купени се 200.000 вакцини против Ковид-19.