Јанкулоска во „Таргет-Тврдина“: Јас сум жртва, да се расчисти случајот

Сашо Мијалков и Гордана Јанкулоска во суд за случајот Таргет - Тврдина

Поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, денеска, заедно со другите обвинети од Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК) ги презентираше завршните зборови на одбраната, пред изрекување на пресудата за случајот „Таргет Тврдина“, кој се однесува на уништувањето на опремата за незаконското прислушување. Пресудата е најавена за 26 февруари.

Јанкулоска денеска рече дека не знаела дека потпишува согласност за уништување на опремата за прислушување, бидејќи највисоките правници во МВР не увиделе и не и посочиле дека незаконски ќе се уништува опрема надвор од процедурата, поради тоа што не била застарена. Таа додаде дека решението било проследено на потпис кај неа „како сосема рутинска работа, без никакви забелешки“.

„Јас немав никаков мотив да учествувам во ваков чин поврзан со монструозно кршење на човековите права. Јас и моето семејство трпевме и се уште трпиме огромни последици од овој случај со прислушувањето. Се уште трае медиумскиот линч кон мене и сите мои права се ограничени. Јас имам силен мотив овој скандал еднаш засекогаш да се расчисти до крај. Ова ќе биде мала, но значајна сатисфакција за жртвите, како што сум јас. А, јас добив обвинение место да бидам третирана како жртва“, рече Јанкуловска во нејзините завршни зборови.

Во случајов се обвинети високиот службеник на УБК, Горан Грујоски, екс-министерката Гордана Јанкуловска, поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, и Валентина Симоновска. Обвинителството во случајов бара највисоки казни за обвинетите.