Нема да се менуваат личните карти поради смената на имињата на улиците во Скопје

Илустрација - Улица Столтенбергова

Граѓаните нема да мораат да ги менуваат личните документи - лична карта, пасош... поради најавената промена на имињата на дел од улиците во Скопје, информираше денеска Никола Наумовски, шеф на кабинетот на Градоначалникот на Скопје.

„На граѓаните при следната замена на личните карти и пасошите ќе им биде внесено новото име на улицата на која што живеат. Значи нема да бидат изложени на дополнителни трошоци, ниту пак градот и државата. Тоа се редовни процедури“, информираше Наумовски во Утрински брифинг.

Следната недела Советот на Град Скопје ќе расправа за дополнување на регистарот на имиња на улици, плоштади, мостови и на други инфраструктурни објекти на подрачјето на Град Скопје со нови 571 предлог. Според предлогот, треба да се вратат старите имиња на улиците „Бихаќка“, „Водњанска“, „Железничка“, „Каирска“, „Ленинова“, „Првомајска“, „Иво Лола Рибар“, „4 Јули“, „29 Ноември“..., а има нови предлози за дел од улиците се и имињата Кројач Ангелковски, Аполо 11, Бис Без, Леб и сол, Лева патика, Дејвид Боуви, Квин...