Министерски состанок на НАТО за Авганистан

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг

Министрите за одбрана на НАТО денеска го започнаа дводневниот виртуелен состанок. Денешната средба на министрите е прва откако американскиот претседател Џо Бајден ја презеде должноста.

На состанокот беа презентирани плановите за реформи за модернизација на Алијансата, а на утрешниот состанок ќе се дискутира и за мисиите на НАТО во Авганистан и во Ирак.

Администрацијата на претседателот Бајден соопшти дека САД го разгледуваат договорот меѓу САД и талибанците за да утврдат дали милитантната група ги исполнува своите обврски, вклучително и постигнување на примирје и преговори со авганистанската влада. Според договорот, сите странски сили треба да го напуштат Авганистан до мај, а во замена талибанците треба да дадат гаранции за безбедноста во државата и дека ќе ги раскинат сите врски со Ал-Каеда.

Но и покрај тоа што има мировни разговори меѓу авганистанските и талибанските преговарачи во Катар, сепак насилството во Авганистан се зголеми, што предизвика загриженост дека повлекувањето на НАТО трупите можеби е прерано и дека ќе било потенцијална дозвола бунтовниците да извојуваат победа.

Пред виртуелниот состанок, германската министерка за одбрана Анегрет Крамп-Каренбауер рече дека мировните разговори не постигнале доволен напредок за да се овозможи целосно повлекување.

Два дена претходно, генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, рече дека талибанците мора да сторат повеќе за да ги исполнат условите од договорот со САД, со што би се овозможило овозможи повлекување на странските трупи до мај.

„Алијансата нема да ги повлече своите трупи од Авганистан пред да дојде времето“, додаде тој.

Зголемените напади на талибанците во Авганистан ги поттикнаа членовите во американскиот Конгрес и организациите за меѓународни права да повикаат да се одложи повлекувањето на трупите што го договори поранешниот претседател Доналд Трамп.