ЕУ од новата косовска Влада бара сериозен дијалог со Србија

Жозеп Борел и Оливер Вархеји

Високиот претставник на Европската унија (ЕУ) за заедничка надворешна и безбедносна политика, Жозеп Борел и европскиот комесар за проширување, Оливер Вархеји, побараа од новите лидери на Косово да водат дијалог за нормализирање на односите со Србија.

„Европскиот пат на Косово, исто така, поминува низ сеопфатно нормализирање на односите со Србија и ЕУ очекува новите власти во Приштина да се ангажираат конструктивно за да ги продолжат состаноците на дијалогот со помош на ЕУ и да ја искористат можноста да се постигне сеопфатен договор“, изјавија Борел и Вархели во заедничко соопштение, издадено по повод парламентарните избори на Косово.

Тие истакнаа дека ЕУ ќе продолжи да соработува со властите, со цел да го поддржат Косово во опиплив напредок на европскиот пат.

„Ова ќе бара од Косово да направи напредок во реформите, водени од Договорот за стабилизација и асоцијација и Европската агенда за реформи, како и од регионалната соработка“, се вели во заедничкото соопштение.

Во неделата на 14 февруари се одржаа вонредни парламентарни избори во Косово. Според првичните резултати, Движењето Самоопределување, предводено од Албин Курти, е убедлив победник на овие избори, со над 48 проценти од гласовите.