САД дозволуваат влез на 25.000 баратели на азил

Архива - Мигранти одат по автопат за време на нивно патување од Мексико кон САД. 21 јануари 2019 година.

Соединетите држави ќе им овозможат на десетици илјади баратели на азил да влезат од Мексико во САД и да чекаат одлука на судот за добивање азил, пренесува агенцијата АП.

Првите скоро 25.000 баратели на азил, кои во моментов се во Мексико, ќе влезат во САД на 19 февруари, соопштија американските власти. Ќе бидат отворени три гранични премини.

Ова е уште едно преименување на одлука на поранешната американска администрација, која ги обесхрабруваше барателите на азил да доаѓаат во САД. Околу 70.000 мигранти бараат азил во САД.

Промената во миграциската политика на администрацијата на Доналд Трамп беше едно од предизборните ветувања на сегашниот претседател Џо Бајден.

Според политиката на Трамп, мигрантите кои бараа азил во САД мораа да ги чекаат судските одлуки во пограничните градови во Мексико, што го отежнувеше процесот за барање на азил, бидејќи тие тешко можеа да комуницираат со адвокатите и беа изложени на насилство.

„Како што појасни претседателот Бајден, американската влада е посветена на обнова на безбеден, уреден и хуман миграциски систем“, изјави секретарот за национална безбедност Алехандро Мајоркас.

Тој додаде дека ова „не треба да се толкува како отворање на границите за илегална миграција кон САД“.