Унгарија е прва земја во ЕУ која ја употребува вакцината „Sputnik V“

Архива - испорака на вакцини во амбуланта во Унгарија.

Унгарија од денеска е прва земја на Европската унија која ја употребува руската вакцина провит коронавирусот „Sputnik V“, соопштија локалните здравствени власти, пренесува АП.

„Денеска почнуваме да ја употребуваме вакцината „Sputnik V“ на пунктовите за вакцинација“, изјави главната здравствена инспекторка и членка на кризниот штаб Сесилија Милер.

Унгарските власти неодамна соопштија дека добиле 40.000 дози од руската вакцина и земјата е прва во ЕУ на која и се испратени вакцините „Sputnik V“.

Според европските правила, националните власти можат итно да одобрат дистрибуција на производи кои не ги одобрила Европската агенција за лекови (ЕМА), но тогаш тие преземаат целосна одговорност.

Руските власти поднесоа барање за регистрација на „Sputnik V“ во ЕУ, но ЕМА се уште ја нема започнато постапката за проверка.

Унгарија е прва членка на ЕУ која потпиша договор со кинеската лабораторија Синиофарм и нарача околу пет милиони дози вакцини.

Европските регулатори ја немаат одобрено ниту оваа вакцина.

Од почетокот на кампањата за вакцинација на крајот на декември, Унгарија доби околу 330.000 дози вакцини од американските компании „Фајзер“ и „Модерна“ кои се одобрени во ЕУ, а земјата ја одобри и употребата на британската вакцина „АстраЗенека.“