Во американскиот Сенат започна второто судење за импичмент на поранешниот претседател Доналд Трамп, под обвинение за поттикнување востание на 6 јануари, кога негови приврзаници упаднаа во Капитол.
Судскиот процес започна на 9 февруари со процедурално гласање за двопартиски договор со кој се дефинираат правилата на судењето, кој беше одобрен. Потоа Сенатот продолжи со дебата за тоа дали гонењето на поранешниот претседател е уставно.
Повеќето републиканци во Сенатот посочија дека веруваат дека тоа не е така, што силно сугерира дека поранешниот претседател на Републиканската партија најверојатно ќе излезе од постапката со ослободителна пресуда.
Адвокатите на Трамп планираат да тврдат дека судењето е „неуставно од различни причини“, вклучително и дека реториката на Трамп потпаѓа под уставно заштитеното право на слобода на говорот.
Тие велат дека тој зборувал само во „фигуративна смисла“ кога на следбениците на 6 јануари им рекол да одат во Капитол и „да се борат како во пекол“ и дека демократите селективно избрале само делови од неговите коментари што ги поддржуваат нивните аргументи.
Адвокатите исто така сугерираат дека Трамп немал директна улога над оние што го нападнале Капитол и не може да биде одговорен за постапките на „мала група криминалци“ кои донеле одлука да одат во Вашингтон.
Судењето се очекува да трае најмалку една недела.