Матурантите со услов: Промени во матурата или кампување пред МОН

Лидерот на Сојузот на средношколци, Бленди Ходаи

Сојузот на средношколци од денеска привремено ќе го прекинат бојкотот на наставата кој започна со почетокот на второто полугодие, но даваат рок до крајот на месецот пратениците во Собранието да ги усвојат нивните барања, односно да се намалат предметите за полагање матура од четири на два – мајчин јазик и предмет по избор од областа во која матурантот планира да ги продолжи студиите. Во спротивно, велат, во знак на протест, ќе кампуваат пред зградата на Министерството за образование и наука (МОН) до исполнување на нивните барања.

„Се враќаме на настава за да им оставиме простор на пратениците да најдат решение. Чекаме Комисијата за образование, наука и спорт да го разгледа Предлог-законот. По средбите што ги имавме во Собранието, Сојузот на средношколци е сигурен дека има поддршка од повеќе од 70 пратеници. Ако не се прифатат и гласаат нашите барања до крајот на месецов, ние ќе почнеме да кампираме пред МОН. Нашиот бојкот e последица на немањето слух за нашите проблеми, укажувања, аргументи и конкретни предлози за изменување на годинашната државна матура. Сојузот им остава можност и време на институциите да ги прифатат и спроведат нашите барања“, вели претседателот на Сојузот на средношколци, Бленди Ходаи, во изјава за државната агенција МИА.

Министерката за образование и наука, Мила Царовска, минатата недела повтори дека полагањето е законска матура и дека тоа не може да биде изоставено, на што средношколците одговорија дека тие не бараат укинување на матурата, туку само намалување на предметите.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ денеска потврди дека му дава поддршка на Сојузот на средношколци и ги повика пратениците и од другите партии да ги поддржат средношколските барања за матурата.