Заев до Мицкоски: Предвремени избори го кочат развојот и евроинтеграциите

Зоран Заев и Христијан Мицкоски

Конечно треба да престанеме со предвремени избори, тие ги стопираат производствените капацитети и севкупната македонска економија, изјави денеска премиерот Зоран Заев во Гевгелија, во врска со барањето на лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски за предвремени парламентарни избори.

Тој рече дека државата, има јасен правец по кој се движи, а оти европеизацијата продолжува.

"Сите тешки одлуки што се донесоа во минатото беа заради економскиот стандард на народот, заради отворање нови работни места, да ги мотивираме ваквите инвеститори да инвестираат во нови инвестиции, да отвораат работни места, да го зголемуваат својот извоз, бруто домашниот продукт на државата, а со тоа и благосостојбата на целиот народ", рече премиерот.

Секое "предвремено истрчување на избори", според него, ги кочи ваквите процеси.

„Редовните избори се во 2024 година и треба да опстоиме на тоа, а дотогаш треба буквално сите, почнувајќи од мене, претседателот на државата, извршната власт, општините, но и сите наши граѓани, да ги засукаме ракавите и да работиме. Само така ќе имаме голема плата, само така ќе има поголеми инвестиции, само така ќе има поголем извоз и само така ќе донесеме поголема среќа за целиот наш народ“, рече Заев.

Мицкоски бара предвремени избори сега и попис во 2022

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски неодамна побара да се одржат предвремени парламентарни избори, ако е можно, и заедно со локалните, дополнувајќи дека на тој начин ќе се обезбеди стабилно владино мнозинство.

„Час поскоро треба да се одржат предвремени парламентарни избори бидејќи ова нестабилно, мало, тенко владино мнозинство покажа дека Македонија е хибриден режим. Потребно е ново мнозинство кое ќе ја извади Македонија на прав пат“, рече Мицкоски.