Кина условно одобри втора домашна вакцина

Кинеските власти за лекови дадоа „условно“ одобрување за вакцина против ковид-19,  на Синовак.

Кинеските власти за лекови дадоа „условно“ одобрување за втора вакцина против ковид-19, на лабараторијата Синовак, соопшти денеска фармацевтската компанија.

Вакцината, како што наведува агенцијата АФП, веќе е употребена за вaкцинирање на одредена популација со поголем ризик од изложеност на коронавирус, но одобрението дозволува нејзино користење кај пошироката јавност.

Условно одобрување значи дека вакцината може да се спроведува за итно вакцинирање и во случај клиничките испитувања да треба да продолжат, но се укажува дека терапиите функционираат.

Одобрувањето доаѓа по повеќе домашни и странски испробувања на вакцината во повеќе земји, вклучувајќи ги Бразил и Турција, иако „резултатите од ефикасноста и безбедноста треба дополнително да се потврдат“, наведува Синовак.

Кинеската фармацевтска компанија Синофарм доби слично условно зелено светло во декември за да ја пласира својата вакцина на пазарот.

Филипче: Се очекува да пристигнат 200 000 кинески вакцини

Синовак наведе дека испитувањата во Бразил покажале околу 50% ефикасност на вакцината во спречување на инфекција и 80% ефикасност во спречување на случаи кои бараат медицинска интервенција.