Заев - Царовска: Доцниме со образовните реформи, ама нема да избрзуваме

Премиерот Заев и министерката за образование и наука, Царовска, на јавната собраниска расправа за Нацрт-концепцијата за основно образование

Целта на реформата е да го осовремениме нашето образование со нов модел на наставата кој е инспириран од образовните системи на развиени земји во Европа и светот, но имајќи предвид нашите автентични општествено-економски состојби и заедно со светските искуства да создадеме национален, македонски модел на основното образование, рече премиерот Зоран Заев во обраќањето со кое почна јавната собраниска расправа за Нацрт-концепцијата за основно образование.

Денеска во Собранието е отворена дебата за предлог реформите во основното образование кои предизвикаа гласна полемика и мнгу критики од опозицијата и од дел од стручната јавност. Несогласувањата се најбројни околу спојувањето на дел од предметите во еден.

Според презентирантираниот концепт, општествени науки ќе изучуваат учениците од прво до трето одделение, а предметот ќе се вика Општество, а од 4. до 9. одделение предметот ќе се вика Историја и општество. Овој интердисциплинарен пристап, според креаторите на концептот, ќе им овозможи на учениците полесно да ги поврзат наставните содржини во реалноста, да ја согледаат смислата на она што го учат и да ги доживуваат наставните активности како релевантни и променливи.

„Овие денови се слушаат гласови дека брзаме со образовната реформа. Моето мислење е спротивно – ние доцниме со реформите во образованието. Тие требаше да се случат пред десетина години, но кога велам доцниме, истовремено велам дека и нема да избрзаме“, рече Заев на почетокот на отворената дебата.

Тој се осврна на деловите од реформата за кои имаше најмногу полемика изминатите недели.

„На пример, со предметот Општествени науки не се укинува предметот Историја или други предмети, туку содржините од нив се предвидуваат да станат задолжителен дел од новата наставна програма. Не се предвидува ниту намалување на наставници по Историја, Географија и Граѓанско образование...“, рече премиерот Зоран Заев во првиот дел од расправата.

Министерката Мила Царовска во обраќањето истакна дека реформите во образованието се нужни, зашто се во интерес на сите деца во државата.

„Според ОЕЦД, учениците до 14 години кај нас добиваат околу 900 часа помалку настава во споредба со другите земји членки, а според УСАИД, нашите деца имаат тешкотии во основни вештини. Овие податоци значат уништени генерации и запоставени и заборавени идни човечки потенцијали, рече Царовска.

Нацрт-концепцијата на оваа дебата ја претставуваат членови на работната група кои ја креираа - Виолета Петровска-Бешка и Кирил Барбареев. Расправата ја организира матичната Комисија за образование, наука и спорт. Присуствуваат претставници на Владата, претставници од МОН, од државни образовни институции, професори од педагошките факултети, директори и наставници од основни училишта, од МАНУ, невладини и меѓународни организации…