СЗО - Отворена дискусија во Вухан за потеклото на коронавирусот

Членовите на тимот на СЗО кои го истражуваат потеклото на КОВИД-19 пристигнуваат во Институтот за вирусологија во Вухан на 3 февруари 2021 година.

Истражувачкиот тим на Светската здравствена организација (СЗО) кои бараат траги за потеклото на коронавирусот во градот Вухан во централна Кина, изјавија дека кинеската страна овозможила високо ниво на соработка, но предупредија дека не очекуваат моментални резултати од посетата.

„Постојано повторувам дека мораме да бидеме реални, кратка мисија како оваа нема да ги добие сите одговори, но помага да се подобри разбирањето за потеклото на вирусот“, објави денеска на Твитер Хунг Нгуен-Виет, еден од домаќините на програмата за здравје на луѓе и животни од Меѓународниот институт за истражување на животни во Најроби, Кенија.

Во претходна објава на Твитер, зоологот и член на тимот Петер Дашак ги пофали состаноците во средата со персоналот на клучниот Институт за вирусологија во Вухан, вклучително и со заменик директорот Ши Женгли – виролог кои работеше со Дашак за да го пронајде потеклото на САРС-от кој потекнува од Кина и избувна во 2003 година.

„Исклучително е важен состанокот денеска со персоналот на WIV, вклучително д-р. Ши Женгли. Поставени се и одгововорено е на клучни прашања“, напиша Дашак на Твитер.

Експертите на СЗО од средината на јануари се наоѓаат во Вухан и се обидуваат да го истражат потеклото на коронавирусот.

Тимот на СЗО, составен од експерти од десет земји, денеска не излегува на терен, а претходно посети болници, институти и пазари за кои се верува дека се првичен извор на заразата.

Се претпоставува дека за исцрпни епидемиолошки анализи со кои ќе биде утврдено потеклото на вирусот SARS-CoV-2, ќе бидат потребни неколку години.

Коронавирусот прв пат се појави во Вухан во декември 2019 година. Во Кина оттогаш се регистрирани повеќе од 89.000 случаи на зараза и 4.600 смртни случаи.