Сузбиена група што издавала возачки дозволи за пари

Лична карта и возачка дозвола

МВР до Основното јавно обвинителство Скопје поднесе кривична пријава против 36 лица, од кои осуммина вработени во МВР, поради сомнение дека издавале возачки дозволи за пари. Поднесена е пријава и против 28 граѓани поради сомневање дека сториле поттикнување во извршување на наведените кривични дела, соопшти МВР.

Пријавените службени лица вработени во Одделението за управни работи Скопје искористувајќи ја својата службена положба и овластување на 28 граѓани, спротивно на законските прописи, без да имаат положено возачки испит и без потребната документација, извршиле електронско креирање на документација со внесување на лажни податоци, истата ја одобриле за изработка, по што им биле издадени возачки дозволи за управување на моторни возила.

По наредба на судија на претходна постапка, како што информира МВР, извршени се претреси во службените простории на Одделението за управни работи и во домот на еден од осомничените, кој е лишен од слобода и задржан во полициска станица, од каде ќе биде изведен пред надлежен судија од Основниот кривичен суд. Обезбедените материјални докази ќе бидат предадени на јавен обвинител за понатамошна постапка. Осомничените службени лица се суспендирани од работните места и против нив ќе бидат поведени дисциплински постапки.