Во новиот бугарски Парламент ќе влезат шест партии, покажуваат анкетите

Седница на Парламентот на Бугарија

Шест партии ќе влезат во бугарскиот Парламент на претстојните избори, покажуваат објавените резултатите од најновото социолошко истражување на јавното мнение во Бугарија, на агенцијата „Маркет линкс“. Анкетата покажува дека владејачката ГЕРБ на изборите би добила 17,3 отсто од гласовите, а по неа ќе следи БСП со 15,3 отсто .Трета политичка сила во моментов во Бугарија и во новиот парламент ќе биде „Има таков народ“ на шоуменот и ТВ водител Слави Трифонов со 12,3 отсто гласови. Партијата ДПС, која е поддржана од бугарските Турци, во парламентот ќе влезе со поддршка од 7,6 отсто. Во идното Национално собрание во моментов би влегле уште две партии – „Демократска Бугарија“ со 5,4 отсто и „Исправи се. бг“ на Маја Манолова и „Отровното трио“ со 4,5 отсто.
„Обединетите патриоти“ во моментов имаат 2,9 отсто поддршка од избирачите и се на работ да го освојат цензусот.
Интересен е одговорот на анкетираните дека само еден отсто од нив изјавиле дека ковид-19 ќе ги спречи да гласаат. Според истражувањето, Бугарите имаат многу голем интерес за машинско гласање, 66 отсто се „за“ ваквиот начин, а повеќе од половината – 54 отсто одобруваат гласање преку Интернет. Значајна поддршка добива и гласањето по пошта.
Значителен дел од испитаниците – 66 отсто, се незадоволни од развојот на земјата.