Претставена нова онлајн платформа „Пријави загадување во 2 чекора“

Архивска фотографија од еден од протестите против загадувањето во Скопје

Државниот инспекторат за животна средина денеска ја презентираше новата онлајн платформа „Пријави загадување во два чекора“, со која ќе се овозможи пријавите кои ќе пристигнуваат од граѓаните по различни електронски канали (Фејсбук, е-адреси, веб страници) да стигнуваат на едно место, да бидат поефикасно распределени до надлежните инспектори, полесно да се следат случаите на загадување и подобро да се координираат инспекторите при извршување на задачите, како и да им одговорат на граѓаните кои поднеле пријава дали и како постапиле по пријавите.

Како што појаснуваат од Инспекторатот, пријавувањето е едноставно со испраќање порака преку Фејсбук страницата на Државниот инспекторат за животна средина, е-адресата prijavi@sei.gov.mk, веб-страницата www.sei.gov.mk и преку полето Пријави на е-Мапата на загадувачи www.mapanazagaduvaci.mk. Во пријавата граѓаните треба накратко да го опишат проблемот кој го пријавуваат, да ја наведат локацијата каде забележале загадување, доколку можат да испратат слика или видео и да остават нивни податоци (име и презиме, телефонски број или е-адреса) за да можат инспекторите да ги исконтактираат.