Борел изрази жалење за масовното апсење на демонстранти во Русија

Руски полицајци приведуваат демонстрант за време на протестот за поддршка на рускиот опозициски лидер Алексеј Навални, во Санкт Петербург, Русија, 31 јануари 2021 година

Високиот претставник на Европската унија за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел, изрази жалење за масовното приведување на демонстрантите во Русија, собрани за поддршка на затворениот опозициски лидер Алексеј Навални. „Жалам за масовните апсења и непропорционалната употреба на сила врз демонстрантите и новинарите во Русија. Луѓето треба да можат да го искористат своето право да демонстрираат без страв од репресија. Русија треба да ги почитува своите меѓународни обврски", напиша Борел на Твитер.

Илјадници приведени на анти-владините протести во Русија

Руската полиција вчера уапси повеќе од 4.400 учесници во масовните демонстрации низ целата земја кои бараа ослободување на Навални. Десетици илјади луѓе излегоа на протест, меѓу другото, скандирајќи против рускиот претседател Владимир Путин. Минатиот викенд, десетици илјади демонстранти излегоа на улични протести низ Русија, барајќи ослободување на Навални од затвор.