Или „Телеграм“ ќе ја избрише „Јавна соба“ или Македонија ќе го блокира „Телеграм“

Зоран Заев

До социјалната мрежа Телеграм испративме категорични барања да ја избрише групата „Јавна соба“ и нема да престанеме да инсистираме на тоа барање сѐ до негово конечно исполнување, објави денеска на социјалните мрежи премиерот Зоран Заев. Тој додава дека доколку апликацијата Телеграм не го затвори каналот „Јавна соба“, каде се споделува порнографска и приватна содржина од граѓани, како и детска порнографија, ќе се разгледа и опцијата за блокирање или рестрикција на користењето на оваа апликација во земјава.

„Нам како Влада ни на крај памет не ни паѓа да цензурираме комуникација, но ова е нешто друго и мораме да си ги заштитиме своите граѓани. Денес ова се случува на Телеграм, а утре можеби на некоја друга платформа, затоа ние имаме задача и обврска да направиме сѐ да обезбедиме соодветна реакција и од оние кои ги создале овие платформи каде се случуваат вакви кривични дела“, напиша премиерот.

Тој сепак изрази надеж дека нема да има потреба од рестрикции за Телеграм и дека уште денеска платформата ќе одговори, на како што вели, бројните барања и ќе почнат да соработуваат.

Пред објавата на Заев, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, соопшти дека во Велес и во Битола биле уапсени две лица за овој случај и дека се преземаат мерки и против други, а претседателот Стево Пендаровски побара одговорност и итно расчистување на случајот.