Вучиќ – Сакаме да направиме фабрика за вакцини, секој си гледа за себе

Српскиот претседател Александар Вучиќ

Српскиот претседател Александар Вучиќ најави дека до крајот на денот ќе бидат вакцинирани над 40 илјади луѓе против коронавирус, што, како што рече, е рекорден број

Тој рече дека набавката на нови количини од вакцината станува „речиси невозможна мисија“

„Станува многу тешко да се дојде до вакцини. Ние би биле во состојба да вакцинираме околу 81-82 отсто од полнолетните жители на Србија, но немаме толку вакцини во овој момент. Затоа денеска бевме во контакт со Британците, со Кинезите, со Русите, а ќе почнеме разговори со Индијците кои имаат фабрика на Астра Зенека“, рече денеска Вучиќ во Крагуевац.

Тој додаде дека наредната недела очекува „нови добри вести“ кога е во прашање набавката на вакцини

„Грчевито се бориме за секоја вакцина, ќе разговараме со секој во светот на таа тема зашто со секој ден кој ќе го приграбиме за вакцинација, ќе спасиме повеќе животи“, рече тој.

Вучиќ најави дека Србија ќе се обиде да изгради сопствена фабрика за вакцини против коронавирусот

„Нам ќе ни биде потребна вакцината во наредните пет, шест или седум години додека не најдат лек. Ќе се обидеме да направиме фабрика да можеме да произведеме доволно вакцини на нашето население и за соседите, зашто големите земји земаат се и колку да зборуваме за солидарност, не обвинувајќи тука кого било, треба да си гледаме за себе. Приказните за солидарноста може да ги закачите на опашот од мачката“, рече тој.