Министерски плати и претседателски палати

МАКЕДОНИЈА - Владата денеска, на својата официјална веб-страница, ги објави платите во министерскиот кабинет на премиерот Зоран Заев. Најголема плата зема Заев, чија основна плата е 78.840 денари, а со пресметан стаж од 22 години неговата плата е 87.813 денари.

РУСИЈА - Русија денеска ги поздрави намерите на новиот американски претседател Џо Бајден за продолжување на американско-рускиот договор за контрола на нуклеарното оружје - Нов СТАРТ, но додаде дека Москва сака да види конкретни предлози од Вашингтон.

РУСИЈА - Судот во Москва ја осуди Кира Јармиш, прес-секретарот на опозицискиот политичар Алексеи Навални, на девет дена затвор за поттикнување на одржување митинг за кој не било издадено официјално одобрување. Окружниот суд во Савелов денеска ја прогласи Јармиш за виновна затоа што ги повикала луѓето да учествуваат во протести закажани за 23 јануари за поддршка на Навални, а за кој собир не било издадено официјална дозвола.

МАКЕДОНИЈА - Министерот за здравство, Венко Филипче, денеска изјави дека во Македонија нема мутација на коронавирусот како што има во Велика Британија, но дека тоа не значи оти треба да се олабавиме.

САД - Американскиот претседател Џо Бајден потпиша 10 нови укази за мерките кои треба ја зајакнат борбата против коронавирусот.

БЕЛГИЈА - Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, не беше во можност да даде конкретен рок кога Западен Балкан може да очекува вакцини преку ЕУ или преку механизмот Ковакс, јави МИА од Брисел. Таа истакна дека тоа ќе се случи „најбрзо што може“ и увери дека солидарноста со третите земји останува приоритет за ЕУ.

ГЕРМАНИЈА / МАКЕДОНИЈА - Амбасадорката на Германија во Македонија, Анке Холштајн, денеска изјави дека Берлин и натаму ќе остане силен поддржувач на Македонија, но порача дека е важно да се искористи времето за реформи и Европа да се донесе во Македонија.

РУСИЈА - Анти-корупцискиот тим на рускиот опозиционер Алексеј Навални објави десетици фотографии од ултра луксузен имот на брегот на Црно Море, за кој се тврди дека го користи претседателот на Русија, Владимир Путин.