Вакцини за Западен Балкан најбрзо што може, тврди Брисел

Урсула фон дер Лајен

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, не беше во можност да даде конкретен рок кога Западен Балкан може да очекува вакцини преку ЕУ или преку механизмот Ковакс, јави МИА од Брисел. Таа истакна дека тоа ќе се случи „најбрзо што може“ и увери дека солидарноста со третите земји останува приоритет за ЕУ.

Ковакс механизмот, чија цел е да им помогне на земјите со низок и среден приход да дојдат до потребните вакцини, иако добива најмногу пари од ЕУ, сѐ уште не е функционален. Поради ова, Европската комисија се заложи да воведе втор механизам за споделување на вакцини со третите земји, вклучително и Западен Балкан, но ниту за овој нов механизам нема конкретен рок за достава на потребните вакцини надвор од ЕУ.

„Очигледно е дека е комплицирано за Ковакс да набави вакцини, затоа воведуваме нова рута преку механизам на ЕУ за набавка на дози преку земјите членки на Унијата, кои потоа ќе можат да ги донираат на трети држави како на пример земјите од Западен Балкан“, изјави Фон дер Лајен.

Претседателката на Еврокомисијата порача дека на лидерскиот состанок истакнала оти вакцинирањето надвор од ЕУ е во интерес на сите земји членки на Унијата, затоа што „колку подолго циркулира вирусот, толку е поголем ризикот од нови мутации“.