Обвинителството покрена постапка поради прислушување на Вучиќ

Александар Вучиќ

Обвинителството за организиран криминал на Србија покрена предистражна постапка поради неовластено прислушување на претседателот на Србија, Александар Вучиќ, објавија денеска од оваа институција. Според Обвинителството, сите информации и известувања ќе бидат проверени во предистражната постапка со цел да се откријат сите факти и околности во врска со тој случај.
Од Обвинителството соопштуваат дека ќе ја информираат јавноста кога ќе се дознаат резултатите од постапката.

Претходно Министерството за внатрешни работи на Србија објави дека по наредба на Обвинителството за организиран криминал, работната група на министерството испрашала голем број луѓе и собрала докази кои укажуваат на тоа дека српскиот претседател Александар Вучиќ и членовите на неговото семејството се незаконски прислушувани.

Вучиќ неодамна изјави дека го прислушувале домашни служби и дека надлежните органи ќе утврдат дали се поврзани со странци.

„Мислам дека знам кој стои зад тоа, но не би зборувал за тоа јавно“, рече Вучиќ, порачувајќи им на надлежните органи да се занимаваат со тоа. Според него прислушувањето на претседателот на државата е директен обид за државен удар.