Неуспешен состанокот на средношколците и министерката Царовска - матурантите на бојкот

Мила Царовска

Состанокот на претставниците на Сојузот на средношколци и министерката за образование и наука, Мила Царовска, заврши неуспешно, па матурантите од утре започнуваат бојкот на наставата и нема да се вклучат на часовите сѐ додека не се прифати нивното барање за кратење на предметите за полагање.

„Министерката Царовска рече дека не може да се промени концептот за полагање на државна матура оваа година, а ние сметаме дека треба да се промени начинот на полагањето за оваа генерација поради пандемијата и начинот на одржување на часовите“, изјави претседателот на Сојузот на средношколци, Бленди Ходаи.

Средношколците бараат наместо четири, да полагаат два предмети за државната матура - едниот да биде мајчин јазик, а другиот по избор на ученикот согласно неговите планови за понатамошното образование. Претходно денеска, министерката Царовска изјави дека матурантите од оваа година ќе полагаат четири предмети. За в година предвидена е промена на моделот на државната матура и веројатно ќе се полагаат по два предмети, како што сега бараат средношколците.