Остра реторика меѓу Вучиќ и Харадинај за „Голема Албанија“

Илустрација

Српскиот претседател Александар Вучиќ, изјави дека најавата на кандидатот за претседател на Косово, Рамуш Харадинај, за можното обединување на Косово со Албанија претставува закана не само за Србија, туку и за регионот, Европа и целиот свет. Тој денеска одговарајќи на новинарско прашање истакна дека Србија нема да возврати со закана на закана. Вучиќ коментирајќи ја оваа изјава, кажа дека би сакал да слушне некои реакции од Брисел или Вашингтон.
„Бидејќи, не дај Боже, некој во Србија од толку високо место да зборуваше за некои други видови на обединување на Балканот, тие многу скоро би не бомбардирале. Но, бесмислено е да се зборува повеќе за двојните аршини,“ изјави тој.

Лидерот на Алијансата за иднината на Косово и кандидат за претседател на Косово, Рамуш Харадинај, во понеделникот изјави дека Европската унија, со своето однесување кон Косово, може да го принуди Косово да се обедини со Албанија.
Денеска Харадинај по изјавата на Вучиќ искоментира дека Србија треба да го признае Косово за да спречи создавање на „ Голема Албанија“.
„Не се плашете господине Вучиќ. Нема потреба и да се нервирате. Косово го бара само тоа што му припаѓа. Доколку вие и останатите сакате да спречите референдум за обединување на Косово со Албанија во 2025 година, има еден многу едноставен начин: Србија да го признае Косово како независна држава. Понатаму Косово го знае својот пат за зачленување во НАТО, ЕУ и ОН. Со хистерична реторика нема да го спречите нашето право да ја дефинираме иднината на Косово, порача Харадинај преку својот официјален Фејсбук профил.
Тој додаде дека неговата вчерашна изјава и заложба за обединување со Албанија е резултат на „постојаната небрежност на Брисел кон Косово“.