Пронајдени телата на четворица морнари од потонатиот украински брод кај Турција

Илустрација: Црно Море

Турските спасувачи пронајдоа четири тела на членови на посадата на украинскиот товарен брод кој потона по невреме во Црното Море. Меѓу нив е и трупот на капетанот на бродот, кој е руски државјанин.

Руската амбасада во Анкара денеска соопшти дека телото на капетанот Виталиј Галенко руски државјанин, било пронајдено.

Руската федерална агенција за поморски и речен транспорт Росморречфлот претходно соопшти дека претходно биле пронајдени три тела во вчерашната поморска катастрофа. Тие соопштија дека шестмина членови на посадата, меѓу кои еден руски државјанин, биле спасени. Двајца од 12 членови на посадата од потонатиот брод биле руски државјани, а останатите се Украинци, соопшти Росморречфлот.

Турските власти вчера соопштија дека на бродот имало 13 луѓе.

Бродот во сопственост на украинска фирма пловел под знаме на државата Палау од Грузија кон Бугарија, кога потонал во близина на турскиот брег во Црното Море, соопштија украинските власти. Црноморскиот регион во изминатите денови е погоден од поројни дождови, снег и силни ветрови.