Мијалков - Јас не сум наредил ниедно прислушување

Архивска фотографија: Сашо Мијалков и Гордана Јанкулоска во суд за случајот Таргет - Тврдина

Поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК), Сашо Мијалков, на денешното сведочење пред судот, за случајот „Таргет-Тврдина“, изјави дека не постои ниту еден доказ дека илјадниците снимени разговори се од УБК и дека тие го вршеле прислушкувањето.
Според него, „прислушување лесно можело да се врши и надвор од системот на УБК“ и го отфрли како неточно обвинението дека формирал злосторничко здружение за да ја злоупотреби службената положба и овластувања. Тој ги отфрли обвинувањата дека самиот влегувал во системот и прислушкувал, како и дека „немало прислушкување без судска наредба во УБК“.

„Јас никогаш не сум имал ниту техничка можност ниту привилегија да можам да дадам или да издадам наредба за следење на комуникација во системот за следење во УБК“, рече Мијалков.

Во однос на уништувањето на опремата за прислушкување, Мијалков негираше дека во 2015 година побарал од Горан Грујевски да покрене постапка за уништување на овие системи. Тој пред Судот рече дека во земјава имало други системи за прислушување, бидејќи, како што кажа, кога „во 2014 година, израелска компанија презентирала опрема во неговата канцеларија и ја вклучила опремата, детектирала дека има уште три други системи“.

Во случајот „Таргет-Тврдина“ обвинети се 12 лица, вклучувајќи ги и поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, која исто така сведочеше денеска и рече дека не знаела оти потпишува документ за уништување на опремата за прислушување, како и Сашо Мијалков и уште 10 вработени во УБК. Станува збор за обвиненија за незаконско прислушкување и за уништување на опремата за прислушкување во времето на владеење на сега опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Судскиот процес почна на почетокот од 2018 година.