„Таргет - Тврдина“: Јанкулоска вели не знаела дека потпишува уништување опрема за прислушување

Архивска фотографија - Сашо Мијалков и Гордана Јанкулоска во суд за случајот „Таргет - Тврдина“

Поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, во денешното нејзино сведочење пред судот за предметот „Таргет-Тврдина“ рече дека не знаела што потпишува кога во УБК била формирана комисијата што ја уништи опремата за прислушувањето. Јанкулоска, која во овој предмет е обвинета во делот од случајот „Тврдина“, кој потоа беше споен со предметот „Таргет“ за прислушувањето.

„До вакви сознанија дојдов кога Специјалното јавно обвинителство го отвори предметот ‘Тврдина’ кој се однесува на уништувањето на опремата. Од оваа перспектива, можам да кажам дека, гледајќи ги писмените документи, без да се имаат предвид изјавите на сведоците, невозможно е да се препознае за што точно станува збор во таа постапка каде што била уништена опремата“, рече денеска Јанкулоска.

Таа го потпишала таквото решение на 13 мај 2015 година, а извештај од работата на комисијата која ја уништила опремата добила на 8 мај 2015, односно ден пред настаните во Диво Насеље и пет дена пред да поднесе оставка и да биде разрешена од Собранието.

Во случајот, покрај Јанкулоска, обвинети се и поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, поранешниот началник на Петтата управа во МВР, Горан Грујевски, како и вработениот во УБК, Никола Бошкоски, шефот на кабинетот на Мијалков, Тони Јакимовски и уште 6 други лица од Управата. Според обвинението, преку три системи за следење на комуникациите во УБК, во периодот од 2008 до 2015 година, незаконски биле следени 4 286 телефонски броја, за кои воопшто не биле издадени судски наредби.