Заев: Политички преговори со Бугарија по нивните избори

Премиерот Зоран Заев пред Судот во Скопје

Премиерот Зоран Заев денеска најави дека пратениците на седницата на собраниската Комисија за надворешна политика најверојатно ќе бидат информирани за деталите од размената на идеи меѓу работните групи и министрите за надворешни работи на Македонија и Бугарија.

„За деталите од размената на идеи, за нон-пејперот, нашето последно размислување, но и нивната реакција која следуваше како одговор на нашиот акциски план“, рече денеска премиерот Заев по рочиштето за судскиот спор меѓу него и новинарот Зоран Божиновски, кого премиерот го тужи за клевета.

Во координација со претседателот на собраниската Комисија за надворешна политика ќе биде договорен точен термин за одржување на седницата, но за точната содржина на она за што ќе се разговара Заев упати на министрите. Тој само кусо најави дека процесот на официјални преговори е завршен и очекува дека сега ќе следува процес на реализација на акцискиот план, а веднаш по изборите во Бугарија ќе се почне со разговори и преговори на политички основи.