ССМ бара субвенциите за плати од 5. пакет да не одат преку газдите

Дарко Димовски, Претседател на Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ)

Сојузот на синдикатите на Македонија денеска побара од Владата, во рамките на најавениот петти пакет антикризни ковид мерки, да се обезбедат пари и поддршка за компаниите кои нема да можат да ги обавуваат деловните потфати заради болеста или ќе ги обавуваат со значително намален обем, првенствено и исклучиво за обезбедување средства за плата на работниците.

„ССМ бара субвенционирањето на плата како мерка да продолжи онаму каде што производството е намалено како што тоа е утврдено и со четвртиот пакет на мерки, но да се исплаќа директно на сметките на работниците што се покажа како повеќе од потребно поради повторната злоупотреба на средствата од финансиската поддршка за исплата на платите на работниците обезбедена од Владата, со оглед на тоа што и по 5-ти пат, газди, оставија работници без никаква егзистенција, а за тоа земаа средства од државата, соопшти денеска ССМ.

Премиерот Зоран Заев пред една недела го најави петтиот пакет економски анти-ковид мерки како помош за економијата која трпи последици од пандемијата со ковид-19. Синдикалците во повеќе наврати алармираа дека дел од газдите на фирмите не им ги исплатил платите на работниците иако земале субвенции, а УЈП постојано ги објавува имињата на тие фирми и ги опменува пред казна.