Спасовски за Вевчани: Од политички причини сакаа инцидент

Оливер Спасовски

Ништо спектакуларно не се случи во Вевчани, договорите кои ги постигнавме со Вевчанци не се испочитуваа, изјави денеска министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, по завчерашната интервенција на полицијата за спречување на одржувањето на Вевчанскиот карневал без почитување на задолжителните мерки за заштита од ковид-19.

„Од политички причини сакаа инцидент и сензационалност. Апелирам да ги почитуваме мерките и на тој начин да му помогнеме на здравствениот систем и да им помогнеме на медицинските работници. Јануари е полн со празници и затоа апелираме да престанат групирањата и доследно да се почитуваат мерките“, изјави Спасовски во интервју за националниот сервис МТВ.

Во Вевчани завчера, и покрај откажувањата на дел од организаторите на карневалот, стотина василичари од Вевчани, под карневалски маски, се обидоа да го одржат карневалското дефиле, по што интервенираше полицијата. Опозицијата реагираше дека во Вевчани власта тепала луѓе со специјалци, а дел од вевчанци обвинија дека некој сака да ја уништи вековната василичарска традиција.

На карневалот беше запалено и бугарското знаме, како револт за бугарското вето за преговорите на Македонија со Европската унија, на што остро реагираше официјална Софија, а македонскиот претседател Стево Пендаровски го осуди чинот на палење.