Новини во Законот за сообраќај: Нема веќе „казнени поени“

Илустрација - Полициска сообраќајна контрола, Скопје декември 2020

Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата се усогласува со Законот за прекршоци (ЗБСП) со што во голем дел се намалува висината на предвидените парични санкции за сторен сообраќаен прекршок, има нови правила за управување тротинет, како и новини во делот за одземање на возилото, информираа денеска од Републичкиот совет за безбедност во сообраќајот (РСБСП).

„Важно е да се потенцира дека за оние сообраќајни прекршоци кои спаѓаат во групата на животозагрозувачки (возење под дејство на алкохол, непочитување на правилата за ограничување на брзината, итн.) висината на предвидените парични санкции за сторен прекршок останува непроменета. Согласно тоа, освен наведените прекршоци дефинирани како животозагрозувачи, за останатите прекршоци, највисока парична санкција за физичко лице, за сторен сообраќаен прекршок, изнесува 250 евра во денарска противвредност“, појаснуваат од РСБСП кои ги објавија сите измени на следниов линк.

Со измените се укинуваат таканаречените „негативни поени“ кои досега се впишуваа како замена за изречена парична санкција за сторен сообраќаен прекршок. Измените на ЗБСП предвидуваат и новини во регулирањето на учеството во сообраќај со електричен тротинет, а со измените се менува и возрасната граница за издавање на возачки дозволи на 75 години, наместо 70, а Законот предвидува и можност за одземање на возилото до 90 дена.