МВР:Василичарите не ги почитуваа мерките

Архива, Вевчански карневал

Со карневалски маски и маски за заштита од ковид-19 и под силно полициски обезбедување во тензична атмосфера дел до Василичарите продефилираа низ Вевчани како дел од традционалниот карневал. За време на дефилето настана и инцидент поради судир со полицијата.


Од МВР велат дека интервенцијата била поради непочитување на мерките, односно непочитување на забраната за групирање на повеќе од четири лица.
Портпаролот на СВР Охрид Стефан Димоски информира дека и покрај претходно постигнатиот договор со лицата инволвирани околу одржувањето на оваа манифестација, мерките не се почитувале,
„Денеска поголема група граѓани се собра во Вевчани, без почитување на мерките односно со недозволено групирање поради што мораше да интервенира полицијата. По документирање на случајот,ќе бидат поднесени и соодветни пријави против прекршителите. Апелираме до сите граѓани заеднички да придонесеме за спречување на коронавирусот, односно за зачувување на здравјето како на жителите на Вевчани, така и на сите граѓани“изјави Димоски.


Вевчанци не се откажаа од традицијата и маскирани, во повеќе помали групи излегоа низ улиците преку маски, на сатиричен начин да покажат дел од настаните што ја одбележаа изминатата година. Најчести маски беа посветени на ветото на Бугарија и нивните барања, потоа на вакцинацијата против ковид-19, служби за дезинфекција, како и легалната продажба на марихуана.

Двете василичарски друштва, Горна и Долна маала се оградија од организацијата, а Општината пред речиси еден месец го откажа културно-забавниот дел.
„ Никој неможе да ги спречи, поединечни маски сигурно ќе има. Не верувам дека ќе дојде до инцидент да се наруши јавниот ред и мир. Немаме никакви ингеренции во делот на организација на карневалот,“ изјави градоначалникот Сашо Јанкоски.

Општината апелира вевчанци вечерва да се воздржат од посети по домовите и групирања со кои би ги прекршиле протоколите