Годинава нашата економија пак ќе расте, изјави Бесими

Фатмир Бесими

Годинава нашата економија ќе се врати на патеката на економскиот раст, додека следната година ќе го достигне преткризното ниво. На среден рок, очекувам повисоки стапки на раст на економската активност и достигнување на просечно ниво од 5% во следните 5 години, со паралелна фискална консолидација во насока на одржливост на растот, посочи министерот за финансии Фатмир Бесими на Форумот на Централна и Источна Европа, што го организира „Еуромани“ и е еден од водечките традиционални настани од областа на финансиите.

На панелот учествуваа и вицепремиерите и министри за финансии на Хрватска и Унгарија, како и министрите за финансии на Полска и Бугарија. На форумот на Еуромани редовно учествуваат министри за финансии, гувернери на централни банки, раководители на финансиски институции и инвеститори.

Министерот Бесими истакна дека годинава се очекува закрепнување на инвестициската активност, потрошувачката и нето странската побарувачка, при што е проектиран раст од 4,1% во 2021 година, согласно основното сценарио. Ова сценарио претпоставува слабеење на здравствената криза и етапно подобрување на епидемиолошката слика, повисока искористеност на производствените и услужните капацитети, поволни ефекти од економските мерки, како и зголемена доверба кај потрошувачите и инвеститорите.