Тутунарите и откупувачите на средба со министерот за земјоделство

Илустрација, откуп на тутун во Прилеп

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Арјанит Хоџа денеска во Скопје ќе има средба со Иницијативниот одбор на незадоволните тутунари, Сојузот на здруженијата на тутунопроизводители и претставници на откупните компании.

Како што соопшти министерството, по средбата се предвидени изјави за медиумите.

Од Сојузот вчера ги повторија барањата за зголемена динамика на откупот и реална проценка за откуп. Тутунарите бараат пунктовите да бидат отворени и во саботите, а доколку е потребно, рокот за откуп да се продолжи.

"Нашите барања се реални и очекуваме да се прифатат на средбата со откупувачите", вели претседателот на Сојузот на земјоделските здруженија на Македонија, Менде Стомнароски.

Стомнароски нагласува дека барањата до Министерството, Инспекторатот и откупувачите се доставени навреме, пред една недела, за да може да се разгледаат.

Според Државниот инспекторат за земјоделство, досега се откупени 8.550 тони тутун, а просечната цена е 166,5 денари.