Предлогот за новиот состав на ДИК помина на Собраниска комисија

Илустрација - Собрание на Македонија

Собраниската Комисија за прашања на изборите денеска ја изгласа Предлог-одлуката за избор на претседател, потпретседател и членови на Државната изборна комисија (ДИК). За претседател на ДИК е предложен Александар Даштевски, поддржан од ВМРО-ДПМНЕ, а за потпретседател Дитмире Шеху од ДУИ, која и сега е потпретседател на Комисијата.

По зеленото светло од Комисијата, предложениот состав оди на одобрување од пратениците во Собранието.

СДСМ ја даде поддршката на кандидатурите на Борис Кондарко и Радица Ристеска, актуелни членови на ДИК, како и на Оливер Ристовски, поранешен заменик министер за правда. Втор член на ДИК со поддршка од ВМРО-ДПМНЕ ќе биде Бобан Стојаноски, правник во Собранието.

Алијанса на Албанците, која е во коалиција со Алтернатива ја поддржа кандидатурата на Кренар Лога, правник од Струга. Старо-новиот состав на ДИК треба да биде изгласан на пленарната седница закажана за напладне, со двотретинско мнозинство. Мандатот на актуелниот состав на ДИК завршува на 15-ти овој месец.